Приевидза го возврати ударот, Пелистер елиминиран од ФИБА Европа Купот

Кошаркарите на Пелистер претрпeа двоцифрен пораз и на третото гостување во ФИБА Европа купот откако „зелено-белите“ вечерва загубија на гостувањето против Приевидза со резултат 97-82. Словачкиот тим одигра квалитетно во текот на сите 40 минути, ја казни слабата игра во одбраната на „пелистерци “ и заслужено стигна до победата, покажувајќи им на тренерот Даскаловски и неговите избраници дека ги очекува многу работа во наредниот период.

Пелистер имаше само едно единствено водство на мечот, кога преку Ленгстон Вилсон поведе со 4-5. Резултатот беше неизвесен до 8-7 и 10-9, по што Словаците се одлепија и поведоа со 17-9. Нападот на Приевидза функционираше одлично, па домашниот состав ги заврши првите десет минути со двоцифрена предност од 27-17.

„Пелистерци“ подобро ја почнаа втората четвртина, преку Лука Стојановски намалија на 27-22, но следеше одговор на Приевидза и брзо водство на домаќинот од 39-25. Словаците пред крајот на полувремето имаа и водство од 20 поени (49-29), но Пелистер преку Стајиќ и Крстевски намали на 49-33.

Преостанатите 20 минути од овој натпревар минаа во лесна контрола над играта и резултатот од страна на домашните кошаркари, кои на крајот на третата четвртина имаа предност од 74-55, за на крајот да триумфираат со конечните 97-82, и тоа по четирите поени што во завршните секунди од мечот ги постигна Дамјан Крстевски.

Кевин Брејси Дејвис ги предводеше стрелците на Пелистер со 19 поени, пред Крстевски со 16, Малешевиќ со 15 поени, додека Си-Џеј Вилсон го заврши мечот со 13 поени, осум скока и четири асистенции.