Проблеми за Интер, се повреди клучниот човек во средниот ред
Хакан Чалханоглу е клучен фактор во играта на Интер и во моментов се смета за еден од најдобрите везни фудбалери во светот, па неговото присуство секако е круцијално во системот на Симоне Инѕаги.
Турскиот репрезентативец прерасна во вистински лидер на теренот под водство на Инѕаги и има извонредна сезона во дресот на Интер, но сега ќе мора да направи мала пауза од теренот.
Лекарските прегледи покажале дека Чалханоглу го завршил со повреда последниот натпревар против Лече, поради што ќе мора да направи пауза.
Интер во своето соопштение вели дека добра вест е што не се работи за посериозно истегнување на мускулот, па затоа ќе се направи нова проценка за неговата состојба во наредните неколку дена.
Во овој момент сигурно е дека Чалханоглу ќе го пропушти дербито против Аталанта кое се игра во среда, а неизвесен ќе биде и за настап против Џенова.