Просинечки не е повеќе селектор на Киргистан

Фудбалската федерација на Киргистан објави денеска дека е договорен спогодбен раскин на соработката со хрватскиот стратег Роберт Просинечки, кој ја напушта селекторската должност без да ја предводи репрезентацијата на официјален натпревар.

Педесетиседумгодишниот Просинечки официјално ја презеде должноста селектор на Киргистан во декември лани и ја предводеше репрезентацијата на Киргистан на четири пријателски натпревари со ефект од два порази и два нерешени исходи.

„Му изразуваме благодарност на Роберт Просинечки за неговата работа, придонесот во развојот на репрезентацијата и професионализмот. Му посакуваме успех и нови достигнувања во неговата понатамошна тренерска кариера“, објави локалното здружение.