ПСЖ сака да го купи „Стад де Франс“
Пари Сен Жермен ќе биде кандидат за купување на „Стад де Франс“ што го најави државата, тврди весникот „Л‘Екип“. Продажбата на спортскиот објект треба да се случи летото 2025 година. Бидејќи преговорите со градското собрание на Париз за можното купување на „Паркот на принцовите“, историскиот стадион на ПСЖ, се во ќорсокак, клубот се позиционира како можен купувач на „Стад де Франс“, кој има капацитет од 80.000 и неговата цена, според државата, изнесува 647 милиони евра.
Државата објави две понуди за „Стад де Фрас“ на 7 март, една за нова концесија, а барателите треба да поднесат документи до 27 април до 12:00 часот. Со стадионот, кој беше изграден за Светското првенство во 1998 година, досега стопанисуваа две гигантски компании – „Винчи“ и „Буиг“. ПСЖ сакаше да започне со реконструкција на „Паркот на принцовите“ и да го зголеми неговиот капацитет од 47.000 на 58.000 седишта, што би чинело 500 милиони евра.