ПСЖ спремен да украде ѕвезда на Реал Мадрид

Додека целиот фудбалски свет чека конечно да се комплетира трансферот на најдобриот играч на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе во Реал Мадрид, францускиот шампион наводно подготвува план да го возврати ударот.

Имено, француските медиуми пренесуваат дека ПСЖ сериозно размислува да тргне по напаѓачот на Реал Мадрид, Бразилецот Родриго. Според информациите спортскиот директор на Пари Сен Жермен, Луис Кампос веќе стапил во контакт со бразилскиот репрезентативец, за да му го „почувствува пулсот“.

Се тврди дека Родриго иако брилјираше оваа сезона, проценил дека ќе падне во втор план во конкуренција на Винисиус, Мбапе, Белингем, како и новата тинејџерска сензација од Бразил, Ендрик, а тоа е картата на која игра ПСЖ.

Секако, на Пари Сен Жермен нема да му биде лесно, бидејќи Родриго во договорот со Реал има откупна клаузула која изнесува една милијарда евра и во Мадрид и покрај големата конкуренција сигурно нема да сакаат да се откажат од неговиот услуги. Сепак, во ПСЖ се надеваат дека имаат шанса да го доведат за прифатлива цена.