ПСЖ ќе има полна каса за следниот преоден рок
Челниците на ПСЖ од ден во ден стануваат се посвесни дека налето ќе останат без својот најдобар играч, Килијан Мбапе, кој треба да се пресели во Реал Мадрид, и веќе ги одредија неговите наследници.
Според италијанскиот весник „Ла република“, емирот на Катар кој е сопственик на ПСЖ, налето сака да купи двајца елитни напаѓачи кои играат во Серија А и веќе подготви 240 милиони евра за нивните трансфери.
„Ла република“ пишува дека ПСЖ налето ќе тргне по потписите на Виктор Осимен од Наполи и Рафаел Леао од Милан и за двајцата планира да понуди по 120 милиони евра.
Токму 120 милиони евра изнесува откупната клаузула за Осимен и за очекување е ПСЖ да го победи Челси во трката за потписот со напаѓачот.
Далеку потешко би одела реализацијата на евентуалниот трансфер на Леао бидејќи откупната клаузула за Португалецот изнесува 175 милиони евра, сума која ПСЖ нема намера да ја плати.