Работна средба во МОК со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија

Раководството на Олимпискиот комитет, предводено од претседателот Даниел Димевски и генералниот секретар Ѓорги Тасев, денеска во Олимпискиот дом оствари работна средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Северна Македонија, Рита Колумбија. На состанокот, на кој присуствуваше и стручниот тим на институцијата, беа разгледани повеќе заеднички проекти и иницијативи насочени кон унапредување на општествениот амбиент преку призмата на спортот. Двете страни се согласија дека спортот претставува универзален јазик кој ги надминува бариерите и има моќна улога во градењето на инклузивно, здраво и просперитетно општество.
Во фокусот на разговорите беше ставена промоцијата на олимписките вредности, односно извонредноста, почитта и пријателството како темели за едукација на младите генерации. Соговорниците разговараа за креирање долгорочни стратегии кои ќе ги обединат целите за одржлив развој на ОН со спортските активности во државата. Посебен акцент беше ставен на поттикнувањето на волонтерството кај младите како клучен елемент за солидарност во локалните заедници, како и на искористувањето на спортот како алатка за промовирање на родовата еднаквост, социјалната инклузија и здравиот начин на живот кај сите граѓани.
Претседателот Димевски и координаторката Колумбија заклучија дека Обединетите нации и Олимпиското движење споделуваат идентични глобални вредности насочени кон мирот, толеранцијата и човековите права. На средбата беше изразена подготвеност за интензивирање на соработката во претстојниот период преку конкретни чекори кои ќе донесат видлив и позитивен импакт во македонското општество.