Работнички го доби дербито со Куманово и остана перфектен

Работнички ја продолжи победничката серија во домашното кошаркарско првенство, откако на домашен терен го совлада Куманово со 70:63 и го запиша четвртиот триумф од исто толку одиграни натпревари.

Кумановчани, кои на ова гостување пристигнаа по две последователни победи, се покажаа како сериозен противник, но во поголемиот дел од средбата домаќините беа подобриот ривал и на крајот заслужено стигнаа до новите бодови.

Натпреварот донесе неизвесна борба и чести промени на водството. Работнички подобро го отвори дуелот, но Куманово во финишот на првата четвртина направи пресврт и поведе со 19:18. Во продолжението двете екипи се менуваа во водството, а на полувремето Работнички замина со предност од 36:33.

Слична слика имаше и во третата четвртина, по која домашниот состав имаше минимални плус два (53:51). Сепак, кога се решаваше победникот, Работнички одигра најдобро. Во последните десет минути ја презеде контролата врз играта, ја зачува предноста и без поголеми проблеми го приведе натпреварот до крај за нова победа.