Ралф Рангник од јуни ја презема Борусија Дортмунд

Селекторот на фудбалската репрезентација на Австрија, Ралф Рангник ги одбројува последните месеци од својот мандат како селектор на националниот тим, бидејќи медиумите во Германија пишуваат дека тој е во напредни преговори со Борусија Дортмунд за преземање на функцијата спортски директор.
И покрај тоа што договорот со оваа средноевропска репрезентација му истекува на крајот на оваа календарска година, големи се шансите популарниот „Професор“ да го скрати мандатот и на лето да му се врати на клупскиот фудбал.
Без разлика што Рангник веќе водел прелиминарни преговори со Борусија, германски „Билд“ пренесува дека елиминацијата од Србија и пропуштената шанса да ја одведе Австрија во елитната дивизија од Лигата на нации може да го забрза заминувањето на искусниот тренер.
Самиот Рангник изјави дека поразот од Србија нема да влијае на примарна цел на Австрија да се пласира на Светското првенство следната година.
Првите предизвици Австрија ги очекува во јуни на стартот од квалификациите, каде во првата половина од месецот ќе ги одмери силите со Романија и Сан Марино, па останува да се види дали квалификациите ќе го започне со Рангник на клупата или без него.
Она што дополнително ја усложнува ситуацијата е тоа што местото спортски директор на Борусија е веќе пополнето, бидејќи функцијата ја обавува пораншениот играч на овој клуб, Себастијан Кел.