Рамсдејл на пат кон Вулверхемптон
Вулверхемптон упати понуда до Арсенал за нивниот голман Арон Рамсдејл. „Волците“ сакаат да го земат резервниот голман на Арсенал репрезентацијата на Англија на позајмица со опција за откуп следното лето, пишуваат медиумите на Островот.
Вулверхемптон изрази подготвеност да го преземат поголемиот дел од платата на 26-годишниот Рамсдејл. Интересот за голманот датира од минатата година.
Разговорите меѓу двата клуба се во тек, а Арсенал сака да го продаде сега наместо да го ослободи. Во моментов не е јасно дали во зделката се разговара за евентуалното учество на играчот на „волците“ – Ден Бентли, за кој претходно интерес покажаа „Топџиите“.
Двата тима се сретнаа на стартот од Премиер лигата, при што лондончани го добија натпреварот со 2:0. Рамсдејл ја загуби битката за стартното место на голот на Арсенал со Давид Раја. Минатата сезона одигра само 6 натпревари во Премиер лигата.