Рангник со силни критики за судењето после поразот од Атлетико Мадрид

Тренерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, изрази големо незадоволство од судиските одлуки, откако неговиот тим беше елиминиран од понатамошното натпреварување во Лигата на шампионите од Атлетико Мадрид.

Победата од 0:1 на „Олд Трафорд“ беше доволна за екипата предводена од Диего Симеоне да стигне до четвртфиналето во ЛШ, и да го остави противникот без трофеј уште една година.

Привремениот тренер на „црвените ѓаволи“, Рангник, не беше задоволен од делењето на правдата од страна на словенечкиот судија Славко Винчиќ, кого го обвини за преголемо толерирање на играчите на Атлетико околу нивното задржување и прекини на играта. Според Рангник, судијата требаше да го продолжи натпреварот за повеќе од четири минути.

„Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме – одигравме точно како што сакавме, со многу енергија, но не успеавме да постигнеме еден или два гола. Имавме неколку добри ситуации каде што требаше да поведеме, но не успеавме. Голот кој го примивме од контра пред крајот на полувремето ни ја отежна ситуацијата. Беше тешко во вториот дел, играта често беше прекинувана. На теренот секогаш лежеше некој играч на Атлетико. Би додал дека имаше некои чудни одлуки од судијата. Не би рекол дека беа пресудни, но доста често судијата не го казнуваше постојаното прекинување на играта од противникот, а четирите додатни минути на крајот беа смешни“, изјави Рангник за англискиот БТ Спорт.