„Расадник“ спремен и реновиран, Македонија добива уште еден спортски објект

На 11 јуни Скопје ќе добие современ спортски објект откако свечено ќе биде отворена целосно реконструираната спортска сала „Расадник“ во Општина Кисела Вода. Под мотото „Расадник на шампиони“ и слоганот „Дом на спортот. Дом на идните шампиони“, отворањето ќе се одржи со почеток во 10:30 часот, а организатори на настанот се Министерството за спорт, Град Скопје и Општина Кисела Вода.
Реконструираната сала претставува една од најзначајните спортски инвестиции во главниот град во последните години и во иднина ќе биде центар за развој на спортот, рекреацијата и младинските спортски активности. За посетителите е подготвена богата целодневна програма која ќе вклучува спортски демонстрации, дружење со познати македонски спортисти и репрезентативци, како и можност за разгледување на новите капацитети на салата.
Во рамките на настанот ќе се реализираат спортски фестивал, средби со спортски легенди и актуелни шампиони, свечена церемонија на отворање, како и ревијален натпревар меѓу актуелниот македонски ракометен шампион РК Вардар и екипата на РК Вардар Ветерани. Посебно внимание е посветено и на најмладите посетители, за кои ќе бидат организирани детски и забавни содржини во специјално подготвена зона.
На свеченоста ќе се обратат градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, министерот за спорт Борко Ристовски и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Организаторите упатија покана до сите граѓани, спортисти, спортски работници и љубители на спортот да присуствуваат на отворањето и заедно да ја одбележат новата етапа во развојот на спортската инфраструктура во Скопје.
Влезот за сите посетители е слободен. Во оваа сала Вардар 1961 ќе ги игра натпреварите од следната сезона во рамки на домашното првенство.