Распродажба во Реал – Перез „брка“ дури девет играчи
Шпанскиот реномиран весник „Марка“ објави текст под наслов „Планот на Мадрид: Продажби да, позајмици не“, во кој детално ги опишува плановите на Флорентино Перез и Реал за претстојниот трансфер период. Целта на Реал ова лето ќе биде максимално да ги намали трошоците, но и со продажбата на играчи да заработи што повеќе пари, кои веднаш ќе се вложат во нови играчи. Главна мета е Килијан Мбапе од ПСЖ, но се споменуваат уште неколку играчи како што се Ерлинг Халанд и Едуардо Камавинга. Планот на Реал всушност е едноставен. Перез и неговите соработници одлучија да се ослободат од дури девет играчи, па со заработката од нивните трансфери да инвестираат во нови играчи. Брахим Диаз, Дани Себаљос, Лука Јовиќ, Хесус Ваљехо, Такефуса Кубо, Иско, Борха Мајорал, Герет Бејл и Реиние се играчите кои се најдоа на пописот. Некои од нив се во клубот, некои на позајмици, а еден играч ќе претставува посебен проблем. Се работи секако за Бејл, кој во моментот е позајмен на Тотенхем, а клубот од Лондон нема намера да го откупи неговиот договор. Веќе неколку трансфер периоди Бејл е главна тема кога е Реал во прашање, но досега не е пронајден ниту еден клуб кој би имал желба во целост да ја преземе неговата плата. Истата мисија го очекува Реал и ова лето.