Раул Алонсо: Тимот е подготвен да ги издржи предизвиците, жалиме за повредата на Цехте
Еурофарм Пелистер, замина на подготовки во српската Стара Пазова, каде ќе ја темпира формата за остатокот од сезоната и за предизвиците во Лигата на шампионите.
Тренерот Раул Алонсо изјави дека жали за повредата на Нејц Цехте, но се радува што на тимот ќе се приклучат сите репрезентативци кои оставија одличен впечаток на Светското првенство.
„Работевме напорно и имавме многу тренинзи со силен интензитет. Атлетскиот дел е важен и мирно работевме на тој сегмент, а сега заминуваме во Србија, каде ќе ни се приклучат и сите македонски репрезентативци. Тимот е подготвен да ги издржи предизвиците и напорите од наближените натпревари до крајот на сезоната. Ние не сме единствен што имаме таков распоред и ќе мораме да се носиме со тоа.
Повредата на Нејц е лоша вест за нас и навистина ми е жал за него, но тоа е составен дел од спортот и ќе мораме да се снаоѓаме без него. Скршени ребра никогаш не можат да бидат наивна повреда, ќе се обидеме да го надоместиме неговото отсуство. Му посакувам брзо заздравување“, рече тренерот Алонсо.
Пелистерци ја продолжуваат сезоната со првенствениот меч против Куманово (осми февруари), а прв предизвик во Лигата на шампионите ќе им биде натпреварот против Спортинг, кој е закажан за пет дена подоцна.