Раул Алонсо: Уживав во оваа магична сала, денес ја имав најлесната работа на светот

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер во Битола беше подобар од шампионот на Полска, Висла и го совлада со 21-18 (12-10). Во дуелот на словенечки интернационалци во двата тима, предводени од шпански тренери, сепак македонските репрезентативци, голманот Никола Митревски и голгетерот Филип Кузмановски го решија натпреварот и обезбедија нови европски бодови за Еурофарм Пелистер кои можеби ќе го одведат во следната фаза од Лигата на шампионите.

На прес-конференцијата по натпреварот зборуваа тренерот Алонсо и средниот бек Тајник.

Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)
Каква ноќ, мислам дека сите уживаа. Денес ја имав најлесната работа, моите играчи беа на врвно ниво. Горд сум за ефикасноста и како одигравме во текот на целиот меч, особено во дефанзива. Заслужено победивме. Имавме проблеми, но успеавме да го задржиме нивото во клучни моменти бевме сконцентрирани против квалитетен ривал. Најголем респект за играчите. Среќен сум бидејќи она што го гледав на тренинзите, го покажавме вечерва. Одигравме на многу високо ниво, пред нас има уште натпревари до паузата. Ова сепак, е среќна вечер за нас. Уживав и во одличната публика, ова е тоа што ни е потребно, поддршка која оваа магична сала може да ја пружи.

Домен Тајник
(РК Еурофарм Пелистер)
Одлично се подготвивме за овој натпревар, добро трениравме и задачите беа прецизни. Мислам дека добро работевме во два правци, одбраната беше клучен фактор, а и Никуч на голот. Знаеме каква екипа е Висла, топ екипа во Европа и навистина добра работа завршивме. Има уште многу грешки кои може да се поправат, а веќе на следната средба да грешиме помалку. Пред полна сала во најтешките моменти наоѓавме сила и дополнителен мотив за да победиме. Од стартот до крајот имавме се под контрола, па на крајот се радувавме на победата. Сега сме шестопласирани во групата, а притисокот ќе биде уште поголем. Секој следен меч е уште поважен, се надевам на уште некој бод во Лигата на шампионите.

Оваа победа е прва на домашен терен за пелистерци во евро-куповите оваа сезона.