РБ Лајпциг по секоја цена го продава Вернер

Германскиот тим РБ Лајпциг постави многу ниска цена за напаѓачот Тимо Вернер, бидејќи тимот од Бундеслигата има јасна намера да се раздели од играчот ова лето, објавува „Спорт1“.

Вернер е во сопственост на РБ Лајпциг и се очекува да се врати во клубот откако ќе заврши неговата позајмица во англискиот клуб Тотенхем. Напаѓачот ќе биде достапен за заинтересираните клубови за само 4 милиони евра.

Тимо Вернер се приклучи на Тотенхем во јануари 2024 година и постигна два гола во Премиер лигата до крајот на таа сезона, а во следната сезона – 2024/2025 – играше на 18 натпревари, но не успеа да постигне гол. Со оглед на неговата неубедлива статистика, Тотенхем не ја активираше опцијата да го купат играчот, вредна 10 милиони евра.

29-годишниот Вернер потпиша за англискиот клуб Челзи во 2020 година, постигнувајќи шест гола и 12 асистенции во својата прва сезона во Премиер лигата. Сепак, неговата форма се намали и тој се врати во Германија во 2022 година.