Реал го доби првото „Ел Класико“ во новата сезона на АЦБ лигата

Откако пред две недели ја победи во Суперкупот на Шпанија, Реал Мадрид денеска беше подобар од од Барселона и во третото коло од домашното првенство.

Вицешампионот настапи значително ослабен на овој натпревар, но и покрај тоа славеше со 86-79 и остана со максимален ефект на почетокот од новата сезона во АЦБ лигата. Одговорноста кај Реал ја презеде Венсан Поарие кој постигна 22 поена, но и 16-годишниот Исмаил Диањ кој доби место во почетната петорка и додека беше на теренот, Реал водеше со 11-2. На крајот, тинејџерот постигна 9 поени и 8 скока од кои 6 офанзивни, во дуелите со Јан Весели и Вили Хернангомес. Мора да се истакне и Факундо Кампацо кој одлично ја организира играта на Реал, а постигна и 17 поени.

Хернангомес повторно беше тотално неутрализиран, како во мечот од Суперкупот. Вечерва постигна само четири поени и два скока за 11 минути во игра и уште еднаш отвори сомнеж дали може да биде вистинско засилување за Барселона и да го замени Никола Миротиќ кој си замина во текот на летото. Дарио Брисуела со 14 поени беше најефикасен кај Барса.