Реал го купи Италијанецот Прочида

Италијанскиот кошаркар Габриеле Прочида официјално е ново засилување на шпанскиот гигант Реал Мадрид.

Дваесет и тригодишниот бек, кој успешно ги покрива позициите „два“ и „три“, пристигнува од Алба Берлин, каде настапуваше изминатите три сезони.

Во минатата сезона од Евролигата Прочида имаше просек од 9,7 поени и 2,2 скокови по натпревар, со што го привлече вниманието на еден од најтрофејните европски клубови.

Со „кралскиот клуб“ потпиша тригодишен договор, кој содржи и излезна клаузула во случај да пристигне понуда од НБА. Прочида беше избран како 36. пик на драфтот во 2022 година од страна на Јута Џез, но сè уште не дебитирал во најсилната кошаркарска лига.