Реал од коло во коло поубедлив, Валенсија декласирана во Мадрид

Реал Мадрид продолжи со победничката серија во Примера и вечерва без многу мака ја совлада Валенсија со убедливи 4-0 на „Сантијаго Бернабеу“ во натпревар од 11. коло. Тимот на Чаби Алонсо со оваа победа ја запиша шестата во низа и потврди дека се наоѓа во врвна форма.
Килиан Мбапе повторно беше главен протагонист, откако со два гола во првото полувреме го трасираше патот до нов триумф. Французинот прво реализираше пенал во 19. минута за 1-0, а потоа со уште еден прецизен удар во 31. минута ја удвои предноста на „кралевите“. Винициус Жуниор подоцна промаши пенал, но до паузата Џуд Белингем во 44. минута погоди за убедливи 3-0.
Во второто полувреме Реал без притисок го контролираше натпреварот и не дозволи изненадување. По серијата замени и падот на интензитетот, младиот Карерас во самиот финиш го постави конечниот резултат 4-0.
Со оваа победа Реал стигна до 30 бода, второпласиран барем моментално е Виљареал со 23, а Барселона следи со 22 и меч помалку.