Револуционерна промена на тениските правила на Грен слем турнирите
Сите четири Гренд слем турнири воведуваат правило за тај-брејк до 10 поени во одлучувачкиот петти сет на едногодишен пробен период, почнувајќи од овогодинешниот „Ролан Гарос“ кој започнува на 22 мај, соопшти Извршниот одбор на четирите најголеми турнири.
Продолжениот тај-брејк ќе се игра при резултат 6-6 во петтиот сет за тенисерите, а во третиот за тенисерките. Ова е историска промена кога станува збор за вториот Гренд слем за годинава, бидејќи досега не е одигран тај-брејк во одлучувачкиот сет во Париз.
„Оваа одлука е донесена врз основа на силна желба да се зголеми конзистентноста на правилата на Гренд слем турнирите. По една година планираме да работиме со ВТА, АТП и ИТФ за да видиме што донесе оваа промена и евентуално трајно да ја воведеме“, соопштија од ИО.