Револуција на повидок? Мажи и жени во ист тим!

Холандскиот фудбалски сојуз им дозволи на најталентираните фудбалерки да се приклучат на машките екипи во највисоко ниво на аматерско фудбалско натпреварување следната сезона, пренесуваат холандските медиуми.
Холандската куќа на фудбалот објави дека оваа одлука претставува историски момент на аматерскиот фудбал во Холандија, но и низ целиот свет, имајќи предвид дека мешаните тимови досега беа дозволувани само во помладите категории.
„Во согласност со духот на модерното време, но и неодамнешните истражувања, не гледаме причина строго да се држиме само до машките тимови. Нашата цел е еднаквост и разновидност “ – рече Јан Дирк ван дер Зи, претседател на холандската фудбалска аматерска асоцијација додавајќи:
„Сакаме на девојките и жените да им понудиме место на фудбалската мапа што се заснова на нивните квалитети и лични амбиции“.
Холандскиот фудбалски сојуз го започна овој интересен експеримент сезонава, кога 19-годишната фудбалерка Елен Фокема доби специјална дозвола да игра за локалниот машки тим Форут, кој се натпреварува во четвртата лига.
Иако беа одиграни само седум натпревари поради проблем со коронавирусот, овој експеримент беше оценет како многу позитивен.