Рекорди ширум фудбалскиот свет во зимскиот преоден рок

Со повеќе од 5.900 трансфери на светскиот пазар, зимскиот преоден рок постави нов рекорд, иако потрошената сума е помала за истиот период од минатата година, објави синоќа ФИФА во својот најнов извештај.

Зимскиот преоден рок во 2026 година забележа зголемување од три проценти на трансферите во споредба со претходниот рекорд поставен во 2025, кога беа реализирани вкупно 5.799 трансфери.
Според податоците на ФИФА, со вкупно потрошени повеќе од 1,9 милијарди долари, вкупниот износ на трансферни такси е помал за дури 18 проценти од рекордот поставен во јануари 2025 година (2,35 милијарди долари).

Најмногу пари на трансфери во зимскиот преоден рок потрошиле англиските клубови (363 милиони долари), а на второто место се клубовите од Италија со потрошени 283 милиони долари на трансфери.

Бразилските клубови се искачија на третото место (180 милиони долари), особено поради рекордниот трансфер на Лукас Пакета, кој го напушти англискиот клуб Вест Хем и потпиша за актуелниот бразилски и јужноамерикански шампион Фламенго, за околу 49 милиони долари.

Германските клубови се на четвртото, а француските на петтото место, додека клубовите од Саудиска Арабија, се на шестото место со потрошени 101 милиони долари, што е повеќе од двојно помалку од минатата година кога беа на четвртото место со 213 милиони долари издвоени за трансфери.

Од друга страна, женскиот фудбал постави нов рекорд со потрошени повеќе од десет милиони долари во јануари, што е скок од 85 проценти во однос на минатогодишниот рекорд, и покрај падот од шест проценти во трансферната активност.