Рекордот на Пеп во ЛШ: Каталонецот прв до девет полуфиналиња

Пеп Гвардиола го предводеше Манчестер Сити до полуфиналето на Лигата на шампионите, откако неговиот тим тешко го елиминираше Атлетико Мадрид со вкупен резултат 1-0. Каталонецот е првиот тренер со 9 полуфиналиња на турнирот. Тој стигна до оваа фаза од натпреварувањето со Барселона, Баерн (Минхен) и Манчестер Сити.

Второто место на престижното рангирање го делат Карло Анчелоти и Жозе Мурињо со по осум полуфиналиња. Анчелоти досега ги водеше Јувентус, Милан и Реал Мадрид, а Мурињо зад себе има полуфинале со Порто, Челси, Интер и Реал Мадрид.

Интересно е што во овогодинешното полуфинале во Лигата на шампионите ќе се сретнат Сити на Гвардиола и Реал Мадрид на Анчелоти. Првиот меч ќе биде на стадионот „Етихад“ на 27 април, а реваншот на 4 мај на „Сантијаго Бернабеу“.