Реми на Пелистер и Шкендија во борбен дуел во Битола

Последниот натпревар од 9. коло на Првата фудбалска лига донесе атрактивен фудбал, но мрежите на стадионот „Петар Милошевски“ во дуелот меѓу Пелистер и Шкендија мируваа во текот на сите деведесет минути (0-0).
Откако мина почетното одмерување на силите, Шкендија направи притисок во средината на првиот дел, но Јовчевски ги стопираше обидите на Рамадани во 24. минута и на Зејнулаи во 27. минута. Најизгледната шанса за водство на тетовчани се случи во 28. минута, кога голманот на Пелистер веќе беше излезен, но Здравковиќ со одлична дефанзивна интервенција спречи сигурен гол. Наспроти тоа, домашните многу потешко ги градеа своите шанси, па во првиот дел за одбележување е ударот на Спировски од слободен удар кој заврши над голот. Битолчани се бореа за поседот на топката, бараа шанси од прекини и контранапади, но без соодветна завршница.
Динамичната игра донесе по неколку удари од аголот, но Пелистер почна посериозно да се заканува дури на стартот од вториот дел, кога во три наврати организираше акции со изгледни шанси за реализација. Прв во позиција за удар се најде Белиќ во 54. минута, а шест минути подоцна Спировски го проигра Ристиќ, кој биеше млако и по средината, директно во рацете на Амзаи. Најсериозната шанса за домашните дојде по контранапад, кога Мрмачовски одлично ја прими топката и тргна сам кон голот, но Амзаи успеа со нога да ја пресече.
Во финишот, Шкендија повторно создаде неколку изгледни шанси, најпрвин преку Тамба и Љатифи, а потоа и преку Адеми, кој биеше над голот. Иако и двете страни имаат за што да жалат, се чини дека нерешениот исход беше најреален одраз на прикажаното. Од резултатот Шкендија сигурно не може да биде задоволна, но затоа Пелистер ќе го памети овој бод по пет последователни порази. Младите фудбалери на битолчани видливо напредуваат во присуство на поискусните Ивановски и Спировски, додека Шкендија ги чуваше своите „џокери“ за финишот, но не успеа да ги реализира шансите.