Реми со Швајцарија и второ место за Македонија на „Жолтиот Куп“

Ракометната репрезентација на Македонија ремизираше со Швајцарија во третиот натпревар на „Жолтиот Куп“, резултат со кој го освоиме второто место на овој турнир. Двете селекции во претходните два дена остварија победи над Украина и Бахреин, па во ова беше директна битка за првата позиција, соочување кое донесе борба, надмудрување, добри и лоши моменти и минути и конечни на крајот 29-29.

Имавме проблеми во првите триесет минути, кои ги завршивме со негатива од 18-13, но по одморот заигравме далеку подобро, бевме конкурентни и ја „бришевме“ предноста на противникот. Потоа се влезе во неизвесна завршница во која Марко Митев мајсторски реализираше со човек помалку, а потоа забележавме блок со кој ги спречивме Швајцарците да дојдат до триумф пред своите гледачи.

Поради послабата гол разлика го завршуваме турнирот на второ место, а трета е Украина која славеше над Бахреин.

Македонија ја очекува настап на Европското првенство, а ривали ќе ни бидат Данска, Португалија и Романија.