Ренард: Мексико заслужи да победи, жал ми е за неуспехот

Поразот од Мексико со 2-1 ја спречи Саудиска Арабија да се квалификува во осминафиналето на Светското првенство 2022. Тимот ја изненади Аргентина на почетокот, но на крајот заврши на последното место во својата група, а селекторот Ерв Ренард смета дека тоа е сосема реално.

„Ако треба да сумирам, Мексико одигра подобро од нас и заслужено не победи. Настапивме под нашите можности и не реагиравме добро откако се најдовме во ситуација да го бркаме резултатот. Мораме да му бидеме благодарни на нашиот голман, бидејќи да не беа неговите интервенции, ќе постигнеа. Само во последните минути верувавме дека нешто може да се случи, но веќе беше доцна“, прокоментира Ренард.

„Многу е тешко да се поминат групите на Светското првенство. Саудиска Арабија тоа го направи само еднаш, во 1994 година. Им честитам на моите играчи за вложениот труд, но денеска не заслуживме да одиме понатаму“, беше искрен францускиот стручњак.