Репрезентативците се собраа пред двомечот со Словенија

Машката ракометна репрезентација на Македонија во мартовската ЕХФ седмица ја очекуваат два дуели против селекцијата на Словенија во Скопје и Копер.
Селекторот Кирил Лазаров веќе ги објави имињата на кои ќе смета, а за денес беше закажан и првиот собир.
Во скопскиот хотел „Александар Палас“ селекторот и стручниот штаб ги пречекаа ракометарите првпат во новата година и по настапот на Светското првенство во јануари.
Лазаров мораше да менува непосредно пред репрезентативниот собир бидејќи поради повреда отпадна Петар Атанасијевиќ, а во комбинација влета неговиот тимски колега Цветан Кузманоски.
Ракометарите ќе имаат кратко време за подготовка, бидејќи веќе в среда се игра првиот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот.
Реванш средбата во Копер е на програмата четири дена подоцна (16 март, 18:30 часот).