Ричарлисон заминува од Евертон, сака да игра во поголем клуб
Бразилскиот репрезентативец Ричарлисон го известил раководството на Евертон дека сака да го напушти клубот ова лето, пренесува весникот „Сан“.
Напаѓачот се претстави на многу добро ниво за „Карамелите“ откако се пресели на „Гудисон Парк“ од Ватфорд за 50 милиони фунти во 2018 година, а во последната кампања беше во срцето на тешката битка за останување во Премиер лигата.
Сепак, слабата игра на Евертон е во центарот на одлуката на играчот кој има повисоки амбиции од битка за опстанок во лигата. Тој има договор за уште две сезони, но засега нема намера да го продолжи.
Сериозен интерес за него пројавува Челзи, бидејќи голема е веројатноста лондончани да се разделат со Ромелу Лукаку и да бараат негова замена. И Реал Мадрид будно ја следи ситуацијата, бидејќи и на „Сантијаго Бернабеу“ сака да се засили на предните позиции, особено по неуспехот со Килијан Мбапе.