Ријад домаќин и на следниот италијански Суперкуп

Италијанскиот Суперкуп ќе се игра во Ријад во декември оваа година, објави веб-страницата на натпреварувањето. Турнирот ќе се одржи во Саудиска Арабија, како што беше и минатата сезона, а ќе учествуваат четири екипи.

Полуфиналните натпревари се закажани за 18 и 19 декември, додека финалето ќе се игра на 22 декември.

Италијанскиот Суперкуп ќе го играат минатогодишниот шампион во Серија А, Наполи, второпласираниот Интер, освојувачот на Копа Италија, Болоња, и финалистот Милан.

Во првото полуфинале ќе се сретнат Наполи и Милан, додека Болоња и Интер ќе се сретнат еден ден подоцна.

Милан го освои Суперкупот на Италија минатата сезона, победувајќи го Интер со 3-2 во финалето.

Од четирите учесници најтрофејни се Интер и Милан со по 8 титули од 13 учества, Наполи има 2 трофеја од 5 учества, а Болоња ќе дебитира.