Рогановиќ не е повеќе селектор на црногорската репрезентација
Селекторот на ракометната репрезентација на Црна Гора, Зоран Рогановиќ, одлучи да ја напушти функцијата.
Рогановиќ својата одлука ја соопшти после поразот на Црна Гора од Словенија на Светското ракометно првенство, со резултат 31:23, натпревар кој беше последен за црногорската селекција на Мундијалот.
„Бев убеден дека ќе се пласираме на Олимписките игри, меѓутоа не успеав да го реализирам ветеното, и затоа одлучив да се повлечам од селекторската позиција. За оваа одлука ја информирав екипата, и го известив претседателот на ракометниот сојуз. Мило ми е што ја оставам екипата во извонредна состојба, и тоа е најважно во моментов. Ја оставам можноста еден ден повторно да се вратам во репрезентацијата“, изјави Рогановиќ.