Ројевиќ: Мојот Охрид ќе расте ден по ден

Тренерот на ГРК Охрид, Борис Ројевиќ очекува неговиот тим постепено да ја достигнува формата потребна за успешен настап претстојната сезона.

„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“, изјави Ројевиќ.

Според него македонската лига е најсилна на Балканот.

„Еурофарм Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во европско натпреварување, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп и оваа сезона игра квалификации за Европската лига. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, истакна тренерот на охриѓани.