Русија најави жалба на суспензиите од УЕФА и ФИФА

Фудбалската федерација на Русија (РФУ) се пожали на суспензијата што и ја изрекоа ФИФА и УЕФА поради инвазијата на Украина, објави во вторникот Арбитражниот спортски суд (CAS).

Во својата жалба Русите бараат „повторно вклучување на сите репрезентации и клубови во натпреварувањата на ФИФА и УЕФА“, објави CAS, наведувајќи дека Русите „исто така испратиле барање да се запре извршувањето на секоја од спорните одлуки“.

Во соопштението на CAS се наведува дека „ќе го бара ставот на сите страни“, почитувајќи го барањето за запирање на извршувањето на решенијата и „предвидува дека ќе можат да дадат нови информации за жалбената постапка во ново соопштение за неколку дена”.

Со суспензијата на ФИФА, на Русија и беше ускратено правото за настап на Мундијалот, со оглед на тоа што „тимот“ нема да може да игра во плеј-офот за Светското првенство, кое е на програмата на 24 март, кога руските фудбалери треба да бидат домаќини на репрезентацијата на Полска.