Саинц кандидат за прв човек на ФИА

Поранешниот рели шампион и легенда на шпанскиот мотоспорт, Карлос Саинц сениор, би можел да стане нов претседател на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), објави „Скај Спортс“. Според информациите, веќе извесно време се зборува дека 63-годишниот Саинц се подготвува за претседателските избори кои ќе се одржат во декември и дека ќе му биде главен ривал на актуелниот челник на ФИА, Мохамед Бен Сулајем.

Саинц е двократен светски шампион во рели, има силна поддршка од влијателни личности и функционери во различни категории на мотоспортот кои се под капата на ФИА. Тој е и татко на Формула 1 возачот Карлос Саинц Јуниор, кој од оваа сезона вози за Вилијамс.

И покрај тоа, во падокот не владее загриженост околу можен судир на интереси, бидејќи Сениорот ужива углед како човек со интегритет.

Бен Сулајем е на чело на ФИА од крајот на 2021 година, но неговиот мандат беше обележан со неколку контроверзи, недоразбирања со Формула 1 возачите и соработниците – вклучувајќи го и спортскиот заменик Роберт Рид, кој минатиот месец поднесе оставка.