Салах вторпат прогласен за фудбалер на сезоната во Премиер лигата

Голгетерот на Ливепул доби најмногу гласови од колегите од најсилниот фудбалски ранг на натпреварување во Англија.
Во изборот на Професионалната асоцијација на играчи (ПФА), Мохамед Салах е избран за најдобар играч на сезоната во Премиер лигата. Ова е второ вакво признание за репрезентативецот на Египет, откако го заслужи за игрите во сезоната 2017-2018.
Одличниот напаѓач на актуелниот вицешампион на Европа, овојпат го освои за 25 гола и 13 асистенции во загубената трка со Манчестер Сити за титулата островски шампион.
Тој заедно со Сон од Тотенхем ја подели Златната копачка, односно наградата за најдобар стрелец.
Салах е вкупно деветти играч во историјата на Премиер лигата кој двапати добил најмногу гласови од колегите.
Во анкетата на ПФА за најдобар млад играч е прогласен Фил Фоден од Манчестер Сити.