Салах се согласил на нов договор со Ливерпул
Навивачите на Ливерпул можат да здивнат, Мохамед Салах наскоро ќе го продолжи договорот. Она што пред неколку дена го најави пријател на Салах, во неделата доби потврда и од аглиските медиуми. Најдобриот играч на „црвените“ ќе остане во клубот.
Неизвесноста владееше долго време. Мохамед Салах ги играше натпреварите како да има договор на маса, а од Ливерпул не се огласуваа во врска со неговиот статус. Поради таквата ситуација имаше многу шпекулации, а Салах го селеа од клуб во клуб.
Според медиумите на Островот, Мохамед Салах постигнал договор со Ливерпул. Точно, двете страни мораа малку да „попуштат“, па се најдоа на „пола пат“.
Агентот на египетскиот напаѓач побарал, нов тригодишен договор, додека клубот од „Енфилд“ понудил едногодишен договор. На крајот двете страни се договориле Салах да потпише двегодишен договор. Не е познато само дали и неговата плата ќе биде зголемена. Салах во Ливерпул има неделна плата од 400.000 фунти.
Да потсетиме, Мохамед Салах дојде во Ливерпул од Рома во 2017 година. Вкупно одигра 377 натпревари, постигна 226 гола и забележа 101 асистенција.
Мохамед Салах сезонава е најдобар стрелец во Премиер лигата со 13 гола.