Салернитана го доведе голманот Очоа
Италијанскиот фудбалски клуб Салернитана кој се натпреварува во Серија А, соопшти дека потпиша договор со мексиканскиот голман Гиљермо Очоа.
37-годишниот ветеран ќе го брани голот на Салернитана до крајот на тековната сезона, со можна опција за продолжување на соработката и во иднина.
Очоа во Серија А, доаѓа од мексиканскиот клуб Америка, а во Европа претходно има настапувано за екипите на Ајачио од Франција, Малага и Гранада од Шпанија, и белгискиот Стандард Лиеж. Очоа е рекордер по бројот на настапи во дресот на селекцијата на Мексико со 135 натпревари.