Салиба се повреди, виси неговиот настап на Мундијалот

Француската репрезентација се соочува со сериозна неизвесност во пресрет на Светското првенство, откако еден од нејзините најважни дефанзивци, Вилијам Салиба, заработи повреда во финалето на Лигата на шампионите.

Стоперот на Арсенал, кој е меѓу носителите на играта во одбраната на „триколорите“, според првичните информации ќе мора да паузира околу три недели. Таквиот развој на настаните сериозно го доведува во прашање неговиот настап на Мундијалот, а речиси сигурно би можел да ги пропушти натпреварите од групната фаза.

Медиумите пренесуваат дека Салиба и пред финалниот натпревар чувствувал одредени проблеми, но сепак решил да настапи во борбата за највредниот европски клупски трофеј. Сепак, таквата одлука најверојатно придонела повредата дополнително да се влоши.

Неговото евентуално отсуство би претставувало сериозен удар за селекторот Дидие Дешан, имајќи предвид дека Салиба во моментов важи за еден од најдобрите и најсигурните дефанзивци.

Доколку не успее навреме да закрепне, Дешан ќе мора да побара алтернативно решение во одбраната.