„Сантијаго Бернабеу“ комплетно ќе биде реновиран до есента 2022 година
Градежните работи на трансформација на „Сантијаго Бернабеу“ во најмодерен стадион во светот се одвиваат со задоволително темпо и се очекува да финишираат во рок од 18 до 21 месец. Иако сè уште не е завршена ниту половина од работата на реконструкцијата на стадионот, во Реал Мадрид се убедени дека „Сантијаго Бернабеу“ ќе добие целосно нов лик до септември 2022 година. Како што објавија шпанските медиуми, на реконструкцијата на „Бернабеу“ секојдневно се ангажирани над 700 работници, кои вложуваат максимални напори во предвидениот рок да ја завршат реконструкцијата на стадионот. Целта на раководството на „Кралскиот клуб“ е да се обезбеди присуство на публика на стадионот до септември оваа година, бидејќи предвидувањата на УЕФА се дека фудбалските натпревари во Европа од следната сезона ќе се играат пред публика. Реконструкцијата на „Сантијаго Бернабеу“ се очекува да го чини Реал Мадрид околу 400 милиони евра.