Саудиска Арабија сака да организира Мундијал со 64 екипи

Принцот Абдулазиз бин Турки Ал-Фаисал тврди дека Саудиска Арабија може да организира Светско првенство во фудбал на кое ќе играат дури 64 репрезентации.
Во светот се води дебата дали Мундијалот да се прошири на 64 репрезентации. За многумина тоа е луда идеја, но нејасно е дали ФИФА ќе го прифати овој предлог.
Како и да е, Саудиска Арабија која ќе биде домаќин на СП 2034 година, вели дека нема проблем да организира еден таков гломазен настан со толку многу репрезентации.
Принцот Абдулазиз бин Турки Ал-Фаисал вели дека тие не се против идејата за проширување на Мундијалот. Ќе ги реконструираат и изградат стадионите кои ќе бидат вкупно 15 на број и ќе ги задоволат потребите.
Тој исто така ја потврди одлуката која нема да им се допадне на грото од фановите, а тоа е дека на СП 2034 нема да има алкохол затоа што е забрането во нивната земја.
Но, дотогаш има уште девет години, Саудиска Арабија е земја која сака да ги следи европските трендови и иако беше една од најстрогите и најзатворени земји, полека низ годините го олабавува режимот, па до 2034 многу работи може да се случат.