Северна Ирска ја повлече поддршката на Инфантино

Фудбалската федерација на Северна Ирска (ИФА) објави денеска дека е време за промени во Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) и порача оти нема да гласа за реизбор на претседателот Џани Инфантино идната година.
Првиот човек на светскиот фудбал е под силен притисок изминатите недели поради неговиот контроверзен план да продаде 21 процент од комерцијалните права на турнирите во организација на ФИФА на приватни инвеститори.
Плановите на Инфантино се изјаловија по жестоките критики, а Европската фудбалска унија (УЕФА) се закани дека ќе ги бојкотира сите натпреварувања спонзорирани од ФИФА.
ИФА претходно ја поддржа позицијата на УЕФА без формално да ја повлече својата поддршка за Инфантино, но сега изјави дека нејзиниот план отворил фундаментални прашања за работата на претседателот.
„Предлогот за продажба на дел од средствата на ФИФА на приватен инвестициски фонд без консултации е повеќе од неуспех во комуникацијата. Според наше мислење, тој поведува фундаментални прашања за стратегијата, управувањето и одговорното располагање со нашите средства. Веруваме дека дојде време за промени“, се вели во соопштението на ИФА.
Фудбалските асоцијации на Англија, Шкотска, Велс и Република Ирска претходно јавно ја повлекоа својата поддршка за Инфантино, кој идниот март треба да се кандидира за четврти мандат како претседател на ФИФА.