Седлоски: Дајте им поддршка на играчите, критиките нека одат кон мене

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Гоце Седлоски ја одржа прес-конференцијата пред домашниот натпревар против Шкотска во рамки на третото коло од Лигата на нациите на УЕФА.

„Поразите на првите два меча не ни годат. Барди останува капитен на екипата во иднина, првпат слушам таква информација. Овие момци тука кои се, ве молам дајте им поддршка на сите. Ја подмладивме репрезентацијата, уште ќе подмладувам. Критиките нека одат кај мене, а јас по договор со федерацијата ќе подмладувам. Сакаме да создадеме нови играчи, го кажав тоа по мечот во Љубљана и на тој процес останувам до крај.

Играме во Лигата Б, не е дека селекторот се вади, туку факт е дека националните тимови се подобри. Кога доаѓав, знаев каде влегувам и знаев со какви репрезентации се игра. Кога игравме и во Лигата Ц се мачевме и во нападот и со головите. Работам, гледам, следам и знам што правам. Тука ќе останам со тој мој период кој следи, да направам се овие дечки да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна. А, за тоа треба време, не може се преку ноќ да дојде.

Шкотска е репрезентација која игра со долги топки, во шеснаесетник. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку да ја неутрализираме со наша реакција. Нивниот стил на игра ако го прифатиме, би било кобно. Ривалот има играчи од Премиер лигата, од Чемпионшип од Италија.

Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и она што го играме во Словенија, од кое можам да бидам задоволен освен од резултатот, да продолжиме во тој ритам, да не се браниме.“, изјави Седлоски.