Седлоски: Играчите ги бирам јас, имам златни деца во репрезентацијата

Македонија утре во 20:45 часот во Љубљана против Словенија, го игра вториот натпревар во Б сегментот во Лигата на Нации.

Селекторот на македонската репрезентација Гоце Седлоски најави дека ќе има освежувања во кадарот, но очекува сите 11 кои ќе добијат шанса да дадат максимум.

„Мораме да ги поправиме грешките од мечот со Швајцарија. Ќе има освежување во играчкиот кадар и ќе дадеме максимум утре. Словенија во 2024 играше на Европско првенство и тоа кажува многу за нив. Резултатите кои ги имаме ги оставаме позади нас и мислиме само на мечот утре. Со вжештана глава после мечот со Швајцарија и малку лошо се изразив кога кажав дека не сум задоволен. Имам златни деца, феноменални фудбалери. Утре ќе има и освежувања и мислам дека кој и да се појави на теренот ќе даде максимум. Фудбалерите ги бирам јас, и одговорноста е моја“, изјави Седлоски.

Тој напомена дека атмосферата во националниот тим е одлична, и дека има волја и желба за добар натпревар. Напомена дека Словенија е добро анализирана.

„Атмосферата во тимот е одлична и тоа ни дава поголема волја и желба за позитивен резултат од мечот. Ја анализиравме Словенија на мечот со Шкотска“, рече Седлоски.

Предодникот на македонскиот национален тим напомена дека Швајцарија е поквалитетна од сите други и кажа што му била идејата со Костадинов на крилната позиција.

„Не потценуваме никого, но Швајцарија е поквалитетна од сите други екипи во групата. Се надевам дека ќе одиграме на ниво и ќе стигнеме до поволен резултат. Сакам секој да игра на својата позиција. Швајцарија ми беше идејата Костадинов да ја затвори левата страна, но не ни помина тоа. Ќе направам се утре секој играч да игра на своја позиција“, вели Седлоски.