Седлоски: Мора да задржиме максимална мотивација и да покажеме карактер

Македонската фудбалска репрезентација утревечер, со почеток во 20:45 часот, ќе се соочи со Република Ирска во натпревар меѓу двете селекции кои не успеаја да се пласираат во финалето на плејофот за Светското првенство. Средбата ќе се одигра на стадионот „Авива“ во Даблин.
Селекторот Гоце Седлоски потенцира дека, и покрај разочарувањето, тимот мора да ја задржи највисоката можна мотивација, бидејќи настапот за националниот дрес секогаш носи посебна тежина.
„Секој пораз боли, тоа е неспорно. Сѐ уште го чувствуваме разочарувањето од мечот со Данска, но остануваме смирени и фокусирани. Работата на тренинзите е на високо ниво, а наша обврска е да реагираме многу подобро на теренот. Ги анализиравме пропустите и сега е на играчите што ќе добијат шанса да го дадат својот максимум. Особено ме радува тимскиот дух што владее во соблекувалната.
Против Ирска ќе мора да покажеме карактер, дисциплина и цврстина во дуелите. Ги следевме нивните последни настапи, против Чешка беа физички доминантни и агресивни во воздушните дуели, додека против Унгарија демонстрираа и технички квалитет. Очекуваме сериозен предизвик.
Планирам да ротирам и да им укажам шанса на неколку нови фудбалери, а верувам дека ќе ја оправдаат довербата. Сакам да нагласам дека репрезентацијата е отворена за сите, секој сам одлучува дали ќе го носи овој дрес. Се игра за Македонија, а не за поединци“, изјави Седлоски.