Седлоски: Мојата ера штотуку започнува, со мечот против БиХ влегуваме во нов циклус!

Македонскиот селектор, Гоце Седлоски даде интервју за босанскиот портал „Вјести.ба“ во кое зборуваше и за пријателскиот натпревар кој нашата селекција ќе го одигра против БиХ.

Македонија на 29 мај на стадионот Кошево во Сараево ќе игра против Босна и Херцеговина пријателски натпревар. Па за Босанците беше интересен нашиот селектор Гоце Седлоски.

„И јавно ѝ честитам на Босна за пласманот на Светското првенство и фантастичните натпревари во баражот, особено елиминацијата на четирикратниот светски шампион Италија. Токму затоа велам, кој ја победува Италија, може да победи секого. Верувам дека можете да направите голем резултат“, изјави Седлоски.

Натпреварот помеѓу БиХ и Македонија ќе се игра пред околу 35.000 навивачи.

„Ќе биде спектакл – и така треба да биде, бидејќи играте на Светско првенство. Но, ние доаѓаме да се покажеме во најдобро светло, да одиграме квалитетен меч и публиката да ужива. Играме против силен противник, но верувам дека имаме квалитет да парираме“.

Седлоски потенцира дека станува збор за „пријателски натпревар меѓу пријателски земји“, додавајќи дека на Мундијалот ќе навива за балканските селекции.