Селекторот Бајиќ разочаран од откажувањето на Димитријевиќ
Кошаркарската Федерација заедно со селекторот на сениорската машка репрезентација Драган Бајиќ денес одржаа прес-конференција во пресрет на натпреварите од втората рунда на претквалификации за Светското првенство 2023.
Селекторот се осврна на играчкиот кадар со кој ќе располага, како и со играчите кои не можеа да одговорат на неговиот повик.
„Би сакал да се заблагодарам на раководството на КФСМ за условите кои ги добивме на овие подготовки, како во поглед на тренинзите. Задоволен сум и за пофалба е работата на кошаркарите во овие подготовки како и дисциплината и нивното залагање на тренинзите. Ниеден играч не паузираше повеќе од еден ден, сите имаа желба да се вратат што побрзо и да продолжат со тренинзите. Во поглед на натпреварите, ни беа откажани неколку дуели поради што не бевме во можност да го одработиме тоа што ни беше потребно. Ривалите во овие претквалификации одигра по 5-6 дуели, но без разлика на тоа, ние подготвени ги очекуваме претквалификациите“, вели Бајиќ
Тој се осврна посебно на недоаѓањето на некои играчи, меѓу кои и на првата ѕвезда во тимот, Ненад Димитријевиќ.
„Сакам да ја објаснам целата ситуација за да нема дамки околу моето име. Контактирав со него, му кажав дека сакам да биде лидер на оваа репрезентација во следните десетина години. Реков дека е исклучително потребен за да се пласираме во квалификациите. Му реков дека е можно да му дадам одмор понатаму. Јас подоцна имав повик само од неговиот менаџер кој побара Нено да се појави на 28 јули бидејќи имаше тешка задача. Јас поминав преку некои свои принципи, во слична ситуација беше Вајли кој исто така дојде подоцна поради лични проблеми. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а 36-годишниот Бојан Трајковски доаѓа на секој тренинг и работи како да има 20. Следна работа беше тоа што јас бев известен од луѓето во Федерацијата дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Тој не ме удостои да ми се јави и да ми ги каже причините поради кои не дојде. Ја има македонската јавност да ѝ објасни“, рече Бајиќ.