Селекторот Лазаров со пофалби за ракометарите после победата над Луксембург
Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија Кире Лазаров, изрази задоволство од победата над Луксембург во првиот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2024 година.
Избраниците на Лазаров беа убедливи во дуелот одигран во Скопје совладувајќи го противникот со 38:24. Селекторот упати пофални зборови за залагањето на ракометарите и е убеден дека играта ќе биде уште подобра на наредниот натпревар против Турција.
„Многу е тешко да ја држиш мотивирана екипата на позитива од 11 гола на полувреме. Затоа мислам дека попуштивме во второто полувреме. Им кажав на играчите да го искористиме вториот дел за тренинг, но направивме многу грешки кои со посилни репрезентации многу ќе не чинат. Одиме во Турција за три дена и сметам дека тој меч е најважен во овие квалификации. Тоа е жежок терен и мислам дека тој меч ќе биде клучен. Чест и задоволство ми е што можам да водам вака перспективна и квалитетна екипа. Се гледа дека фалат натпревари и затоа се надевам дека во иднина ќе напредуваме“, истакна Лазаров.