Сензација во Битола, Шкупи прв го победи Пелистер на гостински терен

Во последниот меч од 7. коло од Првата кошаркаска лига, во Битола, големо изненадување, едно од најголемите во досегашниот дел од сезоната, приреди скопски Шкупи. Гостите славеа со 86-90 и му го нанесоа првиот домашен пораз на вицешампионот.
Подвигот го креираше комплетната стартна петорка на Шкупи во која Арчи заврши со „дабл-дабл“ од 26 поени и 12 скока, двоен беше и ефектот на Вилијамс (20 поени и 13 скока), но и оној на Стојановски од 23 поени и 10 скока), додека Трибл финишираше со 12, а Златевски додаде уште девет поени.
Кај Пелистер, трагичарот Антоан (ја загуби клучната топка) броеше до 26, а Бојиќ имаше 19 поени.
Поради репрезентативната акција на нашиот машки сениорски национален тим во текот на оваа недела, наредното, осмо, првенствено коло ќе се игра на 30 номеври.