Серафимов: Червар е Бог на ракометот, Пелистер беше моја голема желба

Серафимов: Червар е Бог на ракометот, Пелистер беше моја голема желба

Македонскиот ракометар, Мартин Серафимов и официјално ја започна својата етапа во Еурофарм Пелистер, а по промоцијата не го криеше задоволството што ќе го носи дресот на актуелниот шампион.

Новиот бек на битолчани истакна дека трансферот во Пелистер бил негова долгогодишна желба, потенцирајќи дека со нетрпение го очекува првиот настап пред битолската публика. Серафимов вети максимална борба на секој натпревар и порача дека заедно со соиграчите ќе даде сè за нови успеси на клубот.

„Нема што да кријам, Пелистер и Битола беа моја голема желба. Секогаш кога доаѓав тука како противник ја чувствував фантастичната атмосфера, а сега ќе имам можност да бидам дел од овој тим. Едвај чекам да истрчам на теренот и заедно со соиграчите да се бориме за секоја топка. Можам да ветам дека секогаш ќе го оставаме срцето на теренот и ќе дадеме сѐ од себе за да дојдеме до што подобри резултати. Во тимот има многу одлични играчи и македонски репрезентативци. Полека се запознаваме и со странските засилувања. Со Лино Червар се знаеме уште од моите почетоци во Металург. Отсекогаш сум гледал на него како на еден од најголемите ракометни авторитети и сигурен сум дека имам уште многу да научам од него. Тој е Бог и татко на ракометот. Се надевам дека ќе дадам значаен придонес во остварувањето на целите на клубот“, изјави Серафимов.

Битолчани во новата сезона ќе играат во Европската лига на ЕХФ.