Серафимов ќе ја замени Унгарија со Бугарија

Македонскиот фудбалски репрезентативец Никола Серафимов ќе има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Бугарија, каде треба да потпише за Левски Софија.

Стоперот на нашата репрезентација денес полни 26 години, а беше дел од Фехервар од Унгарија, но си заминува откако клубот испадна во понизок ранг. Откако Серафимов ќе ги помине лекарските прегледи во Левски официјално ќе биде промовиран како нов играч на тимот од бугарскиот шампионат.

Серафимов беше дел од Фехервар од 2022 година каде дојде од ЗТЕ исто така од Унгарија, а претходно беше дел од Академија Пандев, Јихлава од Чешка, Вардар, Пелистер и Брегалница.

За фудбалската репрезентација на Македонија, Никола Серафимов има 22 настапи и еден постигнат гол.