Серхио Франциско ќе го води Реал Сосиедад следната сезона

Шпанскиот фудбалски прволигаш Реал Сосиедад го назначи тренерот на резервниот тим, Серхио Франциско, за главен тренер од следната сезона, на местото на Иманол Алгуасил, кој ја напушта позицијата на крајот од тековната сезона. Алгуасил, кој седна на клупата на Сосиедад во 2018 година, го освои Купот на кралот во 2020 година и го предводеше Реал на европската сцена пет сезони по ред. Во четврток, тој го информираше клубот дека ќе ја напушти тренерската должност на крајот од сезоната, кога ќе му истече договорот.

Неговиот наследник Франциско (45) потпиша договор до 2027 година.

Реал Сосиедад е десеттопласиран на табелата во Ла Лига со 42 бодови и сè уште има шанси повторно да се квалификува за европските натпреварувања. /МИА